КУМАНОВО

Родителите на лицата со попреченост бараат системска поддршка

02.11.2026 20:32

Кој се грижи за лицата со попреченост кога родителите повеќе не можат? Недостиг од дневни центри, статус родител-негувател и можности за независно живеење, се дел од барањата на семејствата. Од Министерството најавуваат законски измени и поддршка за отворање мали групни домови.

Мали групни домови, самостојно живеење и поддршка, бараат родителите и старателите на лицата со попреченост. Во Куманово функционираат два дневни центри, но семејствата, особено оние каде што двајцата се вработени, се оставени сами да се справуваат со предизвиците. Укажуваат еден од начините можеби би бил воведување статус родител-негувател.

„Многу од родители се соочени со проблем немаат кој да ги чува децата. Јас на пример нема кој да ми го води детето во дневен центар“, вели Снежана Трајковска, психолог и родител на лице со даунов синдром.

„Порака наша“ постои 20 години, а од 2023 година е лиценциран центар за рехабилитација и реинтеграција. Ја посетуваат 20 корисници.

„Се надеваме дека од наредната година едно од најгорчливите прашања независно живеење на лицата со попреченост ќе се отвори во Општина Куманово“, истакна Јелена Стаменковиќ, психолог „Порака наша“ Куманово.

Министерството за социјална политика работи на измени на законот. Измената на делот од Законот за заштита на деца од денеска ќе биде во владина процедура.

„За брзо време и ваквите форми но и сите други форми како мали групни домови, поддршка од таков тип на нашите сограѓани ќе бидат во можност за користење во секоја општина, бидејќи денеска тоа не е принцип и не е застапено секаде подеднакво“, истакна министерот за социјална политика Ѓоко Велковски.

За проширување на малите групни домови веќе се испратени иницијативи за барање на просторни капацитети.

Елена Георгиевска