Опозицијата бара одговорност од Мицкоски и Славески
Опозицијата бара надзорна расправа во Собранието за случувањата со Алта банка и најави интерпелација за гувернерот Трајко Славески. Филипче ја лоцираше одговорноста кај Мицкоски и Славески за тоа што илјадници граѓаните не можат да располагаат со своите пари, и го повика Обвинителството да се вклучи во случајот. ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека надлежните ги преземаат сите неопходни мерки за заштита на штедачите, инвеститорите и граѓаните, и ги потсетија социјалдемократите на пропаѓањето на Еуростандард.

Обвинителството да ги истражи околностите под кои бил дозволен влез на Алта банка во Македонија, да го провери потеклото на капиталот и трансакциите во банката – повика претседателот на СДСМ и пратеник Венко Филипче.
Откако побара надзорна расправа во Собранието и најави интерпелација за гувернерот на Народната банка, Филипче го впери прстот кон премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот Трајко Славески за тоа што илјадници луѓе се доведени во ситуација да немаат пристап до нивните пари.
Надлежните институции ги преземаат сите неопходни мерки за заштита на штедачите, инвеститорите, граѓаните, уверуваат од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што ја обвинија опозициската СДСМ за двојни стандарди, потсетувајќи на случајот со Еуростандард банка, кога не била воведена администрација туку директно ја одзеле дозволата за работа на банката.
Одлуката за воведување привремена администрација на Алта банка АД Битола следува по одземање на дозволата на мајката – банка во Србија.
Марина Стојанова-Тонева
