Превирања по изборите
Гласањето во Брвеница предизвика потрес на централно ниво. ВМРО-ДПМНЕ го обвини коалицискиот партнер ВРЕДИ дека ја играл улогата на тројански коњ и одработил за ДУИ.

Аркин Јахиј од Националната алијанса за интеграција, предводена од ДУИ е нов градоначалник на Брвеница откако на вчерашните избори освои повеќе гласови од неговиот опонент од ВМРО-ДПМНЕ, Радичевски. Локалното гласање, повод за искри на централно ниво. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека коалицискиот партнер Вреди имал улога на „тројански коњ“, давајќи ги гласовите на ДУИ.
„Нашите опоненти се обединија и сите заеднички наместо натпревар на идеи, изборната трка ја претворија во ринг на поделби по разни основи. ДУИ, СДС, Левица и, за жал, ВРЕДИ како тројански коњ од една страна, а ВМРО-ДПМНЕ од другата страна. Ние сами против сите, и благодарение на довербата која ни ја дадоа имаме значителен раст на бројот на гласови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Волјата на граѓаните е и треба да биде натпартиска“ – одговорија од Вреди. Додаваат, изборите во Брвеница покажаа дека нашата земја сè уште има многу работа до изградба на еден граѓански и сеопфатен модел.
„Ниту една политичка партија не ги контролира гласовите и не може да претендира на нивна сопственост. Гласовите им припаѓаат на граѓаните, кои се слободни да одлучат кому ќе му ја доверат својата поддршка. Ова е демократски принцип што треба да го почитуваат сите“, велат од ВРЕДИ.
Социјалдемократите во наводната кавга препознаа алиби за предвремените избори.
Во Државната изборна комисија течат роковите за жалба за начинот на гласање и резултатите.
Миле А. Ристески
