Србија

Приведен сопственикот на Алта банка Белград, Давор Мацура

02.11.2026 18:43

За осомничениот Мацура постојат основи на сомнение дека извршил кривично дело „злоупотреба на положбата на одговорно лице“, додека останатите осомничени му помогнале во извршувањето на наведеното кривично дело.

Јавното обвинителство за организиран криминал соопшти дека го уапсила сопственикот на Алта банка Белград, Давор Мацура кој е осомничен дека изнел 45 милијарди динари или над 383 милиони евра од трезорот на Алта банка.

По налог на Јавното обвинителство за борба против организираниот криминал, а во соработка со полицијата, денеска се приведени три лица: одговорното лице на Алта банка, Давор Мацура, директорот на Одделението за трезор и управување со готовина на Алта банка, Г. М., и соработникот за трезорско работење во Алта банка, И. П.

На 31 октомври и 1 ноември 2026 година, по налог на обвинителството, беа извршени претреси во просториите на Алта банка, како и во станбениот простор на осомничениот Давор Мацура и беше извршен попис на готовинските средства во трезорот.

За осомничениот Мацура постојат основи на сомнение дека извршил кривично дело „злоупотреба на положбата на одговорно лице“, додека останатите осомничени му помогнале во извршувањето на наведеното кривично дело.

Како што се додава во соопштението, постојат основи на сомнение дека осомничениот Мацура во изминатиот период, заклучно со 31 октомври, го извршил наведеното кривично дело со пречекорување на границите на своите овластувања. Во тоа, преку создавање услови за извршување на кривичното дело, му помогнале осомничените Г. М. и И. П., како лица задолжени за непосредно ракување со вредностите во трезорот на „Алта банка“. Тие му ги предавале картичките за влез во трезорот или со своите картички и присуство му овозможувале неовластен влез во трезорот „Депо“, од каде што Мацура изнесувал пари и на тој начин се стекнал со противправна имотна корист во износ од околу 45 милијарди динари.

На осомничените лица им е одредена мерка притвор во траење од 48 часа

Белградската берза денес донесе одлука за привремена суспензија на правото на пристап на Алта банка до трговскиот систем на берзата.

Во образложението на одлуката е наведено дека постои оправдан ризик понатамошното непречено работење во трговскиот систем би можело да ја загрози деловната сигурност на инвеститорите, на другите учесници во работата на Белградската берза и на самата берза, имајќи ги предвид природата и тежината на околностите што Народната банка на Србија јавно ги соопшти.

Според „Фајненшел тајмс“, во деновите по изборите клиентите на Алта подигале големи суми пари, но и префрлале значајни износи во странство, за што НБС до Јавното обвинителство ќе даде информации после 4 ноември.

Граѓаните кои имаат до 50.000 евра треба да ги добијат своите пари преку системот за осигурување на депозити. Но сè уште не е соопштено преку која банка тоа ќе се случи.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ