САД гласаат на меѓуизбори: Републиканците го бранат мнозинството во Конгресот, демократите се борат за пресврт
Во Соединетите Американски Држави денеска се одржуваат меѓуизбори на кои граѓаните ќе ги изберат сите 435 членови на Претставничкиот дом, 35 сенатори и гувернери во 36 сојузни држави. Републиканците на претседателот Доналд Трамп го бранат тесното мнозинство во Конгресот, додека демократите се обидуваат да ја преземат контролата врз законодавната власт. Предвреме гласале околу 54,5 милиони Американци.

Во САД се одржуваат меѓуизбори на кои се одлучува за идниот состав на Конгресот, но и за гувернерските функции во 36 сојузни држави.
Граѓаните ги избираат сите 435 членови на Претставничкиот дом и 35 сенатори. Првично беше предвидено да се изберат 33 сенатори, но дополнителни избори се одржуваат и во Флорида и Охајо, за местата што ги напуштија американскиот државен секретар Марко Рубио и потпретседателот Џеј Ди Венс.
Републиканците во моментов имаат тесно мнозинство во Претставничкиот дом со 218 места, а го контролираат и Сенатот со 53 сенатори.
Според податоците на Универзитетот во Флорида, до неделата своето избирачко право предвреме го искористиле околу 54,5 милиони од приближно 210 милиони регистрирани гласачи.
Од нив, 29,5 милиони гласале лично на избирачките места, додека околу 23 милиони го искористиле правото на гласање по пошта.
Од 35 сенаторски места за кои се одлучува на изборите, 22 во моментов ги држат републиканците, а 13 демократите.
Според предизборните проценки, исходот од трката за Сенатот во голема мера ќе зависи од резултатите во седум сојузни држави – Алјаска, Ајова, Канзас, Мејн, Мичиген, Охајо и Тексас.
Во актуелниот состав на Сенатот, демократите од овие седум држави имаат само еден сенатор, од Мичиген. За да добијат можност да ја преземат контролата врз Горниот дом на Конгресот, ќе мора да ги задржат сите 13 места што ги бранат и да освојат најмалку четири места што моментално им припаѓаат на републиканците.
Последните анкети покажуваат дека демократите имаат предност во пет од седумте клучни држави - Канзас, Мејн, Охајо, Тексас и Алјаска.
Сепак, политичките аналитичари предупредуваат дека анкетите и во минатото не секогаш точно го предвидувале изборниот исход.
Евентуалната победа на демократите во неколку од овие држави би претставувала значаен политички успех, особено ако се има предвид дека последен пат демократски сенатор од Канзас бил избран во 1932 година, а од Тексас во 1988 година.
Изборите се сметаат за важен тест за политиките на претседателот Доналд Трамп, а нивниот исход ќе има значително влијание врз односот на силите во Вашингтон и можноста на Белата куќа да ја спроведува својата политичка агенда во наредните две години.
