Националниот џез оркестар со настапи во Чешка и БиХ
Националниот џез оркестар продолжува со меѓународната промоција на македонската музика. На 2 ноември комбо ансамблот ќе настапи во Чешка, а на 4 ноември оркестарот ќе го отвори 30. издание на Jazz Fest Sarajevo со програмата „Macedonian Dreams“.

Комбо ансамблот на Националниот џез оркестар ќе се претстави на 2 ноември во престижната PETROF Gallery во Храдец Кралове, Чешка, со програма составена од авторски композиции на македонските џез-музичари.
Два дена подоцна, на 4 ноември, оркестарот ќе настапи на отворањето на јубилејното 30. издание на Jazz Fest Sarajevo, во Народниот театар во Сараево. Под диригентската палка на маестро Владимир Николов ќе биде изведена програмата „Macedonian Dreams“.
Станува збор за музички спој на традиционалната македонска музика, народните мелодии и ритми, авторските композиции и современиот џез-израз. Програмата претходно беше претставена пред публиката во Будимпешта, Прага, Виена и Брисел.
Настапите во Чешка и Босна и Херцеговина се уште една можност за меѓународна афирмација на македонската џез-сцена и потврда на уметничкиот континуитет на Националниот џез оркестар.
