Директорот на ФБИ предупреди дека групата Корасан подготвува терористички напад на САД

06.10.2014 10:04

Комеј посочи дека терористичките мрежи во Сирија, се метастази на Ал-Каеда и дека постојат две поголеми групи, Ал-Нусра и Исламската држава на Ирак и Левант...

Директорот на ФБИ Џејмс Комеј изјави дека Соединетите Американски Држави се подготвуваат набрзо да се соочат со терористички напад од групата Корасан, подружница на Ал-Каеда во Сирија.

„Терористичката група Корасан работи на подготвување на напад врз Соединетите Американки Држави или сојузниците во многу блиска иднина. Не можам да кажам дали нападот ќе се случи утре, за три недели или за три месеци, но се работи за сериозна закана и затоа мораме да дејствуваме како дека нападот ќе биде утре“, изјави директорот на ФБИ, Џејмс Комеј во интервју за американската Си-Би-Ес доцна синоќа.

Комеј посочи дека терористичките мрежи во Сирија, се метастази на Ал-Каеда и дека постојат две поголеми групи, Ал-Нусра и Исламската држава на Ирак и Левант.

„И двете групи се немилосрдни, наликуваат на Ал-Каеда и претставуваат закани на различни начини“, нагласи Комеј.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ