Изложбата „Природно“ на Јана Луловска од денес во Македонскиот КИЦ во Белград
Преку дигитални алатки, спонтани гестови и експериментирање со форми и линии, уметницата нуди поинаков поглед на современиот уметнички израз.

Самостојната изложба „Effortless“ (Природно) на македонската интердисциплинарна уметница Јана Луловска вечерва ќе биде отворена во Македонскиот културно-информативен центар во Белград. Преку дигитални алатки, спонтани гестови и експериментирање со форми и линии, уметницата нуди поинаков поглед на современиот уметнички израз.
Изложбата ќе биде отворена во 19:30 часот, а ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров. Реализацијата е поддржана од Министерството за култура и туризам и е дел од годишната програма на центарот.
Инспирирана од уметничкото движење Флуксус, изложбата се фокусира на играта, флуидноста и експериментирањето, при што процесот на создавање има предност пред конечниот уметнички производ.
Луловска работи спонтано со дигитални алатки, без однапред осмислена композиција, создавајќи визуелни простори во кои движењето и промената се централни елементи. Нејзините дела ги обединуваат линиите, гестуалните потези, органските и геометриските форми, а во дел од нив композицијата излегува и надвор од рамките на платното, продолжувајќи на изложбениот ѕид.
Јана Луловска е наградувана уметница чие творештво опфаќа фотографија, сликарство, графика, инсталација и експериментален филм. Изложувала во Македонија и во повеќе земји, меѓу кои САД, Франција, Германија, Италија и Бугарија. Нејзините дела се дел од меѓународни колекции, а филмовите се наградувани на меѓународни фестивали.
Изложбата во Македонскиот КИЦ во Белград ќе биде отворена за посетителите до крајот на ноември.
