Македонија

Ревизија: Само девет од 62 локомотиви на Железници Транспорт се во функција, акумулираната загуба над 109 милиони евра

03.11.2026 09:36

Железници на Република Северна Македонија – Транспорт располага со 62 локомотиви, но во функција се само девет, а од 47 патнички вагони само два се користат во редовниот сообраќај. Акумулираната загуба на друштвото достигнала 6,75 милијарди денари, односно околу 109 милиони евра, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија за 2024 година.

Со ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста на работењето на ЖРСМ Транспорт се утврдени слабости во управувањето со средствата, возниот парк, имотот, залихите, трошоците и приходите на друштвото.

Според ревизорскиот извештај, покрај деветте функционални локомотиви, од вкупно 16 патнички гарнитури во функција се пет. Од 1.382 товарни вагони, само 378 имаат важечка ревизија и се способни за сообраќај, додека 1.004 се надвор од сообраќај поради истечена ревизија.

Ревизорите констатирале дека возниот парк е застарен, со старост поголема од 40 години, а состојбата на влечните капацитети е на граница на техничко-технолошката експлоатациона моќност. Како причини се наведуваат недоволните финансиски средства, ненавремените инвестиции во поправки, резервни делови и обнова на возниот парк.

Утврдени се неправилности и во управувањето со залихите. Дури 71 процент од нив, во вредност од 342,3 милиони денари или околу 5,5 милиони евра, се постари од 2019 година, без да биде направено соодветно вредносно усогласување.

Извештајот посочува и несоодветно и небезбедно ракување со нафтените деривати, застарена и импровизирана опрема за мерење, како и полнење гориво со пумпи чии мерила подолг период не биле верификувани. Дополнително, ревизорите утврдиле недоволна контрола на потрошувачката на вода, помалку искажани приходи и слабости во управувањето со човечките ресурси.

Загубата на ЖРСМ Транспорт за 2024 година изнесува 331,8 милиони денари, што е намалување за 427,5 милиони денари во споредба со претходната година. Но, заедно со пренесените загуби од претходните години, вкупната загуба достигнува 6 милијарди и 754 милиони денари, односно околу 109,1 милион евра.

Државниот завод за ревизија дал препораки за надминување на утврдените состојби.