Избори во Бугарија

Борисов победи, но дали ќе успее да состави Влада?!

06.10.2014 10:23

ГЕРБ на Бојко Борисов победи на вонредните параментарни избори во Бугарија. Според првичните неофицијалните информации што пристигнуваат оттаму, партијата на Борисов освоила 33,8 проценти, социјалистите на Станишев 16,5, партијата на Турското малцинство 15,6, а Реформскиот блок 8,7 проценти...

Првичните неофицијлани резултати ги потврдуваат анкетите кои предвидуваа убедлива победа на ГЕРБ. Лидерот Бојко Борисов, во изјавата по затворањето на гласачките места не кажа на која партија ќе и понуди место во новата Влада. Извесно е дека тој ќе биде мандатар, исто колку што е сигурно дека составувањето на новата коалиција ќе оди исклучително тешко.

Новиот парламент ќе биде многу шарен. Шест или седум партии ќе бидат дел од 43-тото Бугарско народно собрание. Аналитичарите прогнозираат некаде околу 90 мандати за ГЕРБ. Втора политичка сила се социјалистите, а трета, многу близу зад нив, партијата на Бугарските Турци.

Многу веројатна е опцијата од неуспех да се состави Влада, што би било вовед во нови избори по неколку месеци. Најмалку посакувана варијанта за презаситените бугарски гласачи. Тоа е очигледно од денешната рекорнда ниска излезност на вонредните парламентарни избори.

За странските извесувачи овде во Софија се многу интересни информациите за наводното купување гласови во одредени региони во Бугарија.

Медиумите како парадокс го наведуваат примерот од северозападот на земјата, каде што партијата на Турците освоила над 60 проценти од гласовите, иако во тоа место нема етнички Турци. Жители од тој крај анонимно сведочат дека некој ги купувал гласовите на тамошните Роми за неколку десетици левови.

Изборите ги следат голем број набљудувачи, а во Државната изборна комисија пристигнаа десетици пријави за одредени нарушувања на изборниот процес.

Но, овој феномен, во европска Бугарија, најмалку го интересира просечниот Бугарин. Тој посакува стабилна гарнитура што ќе ја врати ефикасноста на институциите и државата на вистинскиот колосек.

Голем број Бугари, денес, речиси осум години откако Бугарија стана дел од клубот на привилегираните, се разочарани и апатични, политички уморни и недоволно мотивирани, да ја размрдаат општествената зачмаеност и да го вратат оптимизмот што ќе ги потсети на целите што ги зацртаа во изминатите децении. Најтешко, пак, за денеска избраните ќе биде да ја ублажат демографската криза, да ја подобрат социјалната слика и да создадат прецепција, на здрава европска перспектива во земјата.

 

Горан Петрески, специјален известувач за МРТ од Софија