Потврдени четири случаи со мали сипаници
Откако во земјава лабораториски беа потврдени четири случаи со мали сипаници, здравствените власти проверуваат дали има поврзаност меѓу заразените. Според здравствените власти, засега нема услови за прогласување епидемија...

Откако во земјава лабораториски беа потврдени четири случаи со мали сипаници, здравствените власти проверуваат дали има поврзаност меѓу заразените.
Инфицираните се три бебиња помали од една година и маж на 40 годишна возраст. Едно од бебињата е косовски државјанин и било лекувано на Инфективната клиника. Другите заболени се од Скопје, Велес и од Штип. Никој од нив не бил вакциниран со МРП вакцина.
Според здравствените власти, засега нема услови за прогласување епидемија. Надлежните упатија повик до граѓаните да се вакцинираат, а доколку имаат температура и осип да го контактираат матичниот лекари и да не одат во чекалните во ординациите за да се избегне ризик од ширење на заразата.
Од Институтот за јавно здравје испратиле упатства до градинките и училиштата и протоколи до граничните премини. Алармот е вклучен бидејќи опфатот на имунизирани со МРП е намален на 62 проценти.
Епидемија на морбили веќе прогласија соседна Бугарија и Косово. Пред седум години, епидемија имаше и во земјава, која заврши со повеќе од две илјади заразени и четири смртни случаи како резултат на компликации.
