Полициски претреси во Штип и Скопје - ИТ раководител од УГД осомничен за менување оценки за пари
Претреси на полицијата на повеќе локации во Штип и во Скопје, во рамките на истрагата против шефот на ИТ сектор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Оомничен е за злоупотреба на службената положба и компјутерски криминал. Од Штипскиот универзитет најавија целосна соработка со МВР и надлежното обвинителство...

Претреси на полицијата на повеќе локации во Штип и во Скопје, во рамките на истрагата против раководител на информатичкиот сектор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Осомничен е за злоупотреба на службената положба и компјутерски криминал. Се истражуваат сомнителни интервенции во електронската евиденција на студентите, менување испитни бодови, бришење оценки и овозможување запишување семестри без исполнети услови. Вработениот подолг период вршел незаконски измени во студентските податоци, претежно за студенти од Турција, за што наводно наплаќал паричен надомест.
Според одредени информации, во домот на осомничениот била пронајдена поголема сума пари, но МВР не потврдува. Детали не се соопштуваат и дали се приведени лица, колку локации се опфатени и што е одземено при претресите.
Од Штипскиот универзитет најавија целосна соработка со МВР и надлежното обвинителство, потврдувајќи дека имаат нулта толеранција за корупција и каква било злоупотреба во академската заедница. Нашите студенти и нивното образование остануваат во центарот на сите наши активности, посочуваат од Универзитетот.
„Како јавна високообразовна институција, ја уверуваме јавноста дека остануваме посветени на транспарентноста, отвореноста и институционалниот интегритет. УГД нема да дозволи каков било сомнеж да ги наруши трудот и вредноста на дипломите на илјадниците чесни студенти и вработени. УГД има нулта толеранција за каков било облик на корупција или злоупотреба на службената положба. Институционалниот интегритет и довербата на нашите студенти се пред сè“, соопштија од УГД-Штип.
Пред неколку месеци на штипскиот универзитет беше фатена професорка со обележани пари, за турски студент да добие преодна оценка на испит.
Милчо Велески
