Народната банка ја задржа основната каматна стапка на 4,25 проценти
Основната каматна стапка останува на 4,25 проценти. Извршниот одбор на Народната банка оцени дека, и покрај стабилноста на девизниот пазар и забавувањето на инфлацијата, високата неизвесност во меѓународното окружување и ризиците од растот на цените на енергентите бараат претпазлив пристап во монетарната политика.

На редовна седница, Извршниот одбор на Народната банка одлучи да ја задржи основната каматна стапка на досегашното ниво од 4,25 проценти. Одлуката е донесена врз основа на најновите макроекономски показатели, случувањата на домашните и меѓународните финансиски пазари и проценетите ризици.
Од Народната банка посочуваат дека геополитичките тензии, особено ескалацијата на Блискиот Исток и продолжувањето на војната во Украина, придонесуваат за раст на цените на нафтата и другите енергенти, како и за нарушувања во синџирите на снабдување. Овие движења може да се одразат врз девизниот пазар и домашните цени во наредниот период.
Во септември годишната инфлација изнесувала 2,7 проценти. Според најновите проекции на Народната банка, инфлацијата во 2026 година се очекува да забави на 3,6 проценти, во 2027 година да изнесува 3,4 проценти, во 2028 година 2,2 проценти, а на среден рок да се сведе на 2 процента.
Девизниот пазар останува стабилен, а девизните резерви на крајот на септември изнесувале 5 милијарди и 24 милиони евра и се одржуваат во сигурната зона според показателите за адекватност.
Домашната економија, според оцените на Народната банка, останува отпорна. Реалниот раст на БДП во првата половина од 2026 година достигнал 3,7 проценти, малку над очекувањата. Новите проекции предвидуваат раст од 3,8 проценти за целата година и 4 проценти на среден рок. Главен двигател се очекува да бидат инвестициите, особено во патната и енергетската инфраструктура.
Во банкарскиот сектор, заклучно со септември, продолжува растот на депозитите и кредитите. До крајот на годината се очекува раст на депозитите од 7,8 проценти и на кредитите од 12,8 проценти.
Од Народната банка порачуваат дека и натаму внимателно ќе ги следат домашните и меѓународните економски и финансиски движења и се подготвени да ги искористат сите расположливи инструменти за зачувување на стабилноста на девизниот курс, ценовната и финансиската стабилност.
