Алта банка Битола

Банкоматите работат, експозитурите затворени за клиенти, граѓаните бараат спас во други банки

03.11.2026 17:02

По преземањето на Алта банка АД Битола од страна на Народна банка и затворањето на експозитурите за клиенти, граѓаните во редици чекаат за подигнување на неделниот лимит од банкоматите, но има и такви кои немаат картички па доаѓаат пред банката да проверат дали можат да влезат. Проблеми се и картичките со истечен рок. Од НРБМ најавија отворање на посебни шалтери за оваа категорија граѓани. Граѓаните бараат спас во другите банки.

Втор ден откако Народна банка воведе администрација и го презема управувањето со Алта банка АД Битола, а со тоа експозитурите престанаа да работат со клиенти. И денес редици, граѓани чекаа пред банкоматите и експозитурите, дел за подигнување готовина, дел со надеж дека ќе влезат внатре.

Покрај ограничувањето од 10 илјади денари, најголем проблем имаат корисниците кои немаат картички или им се со истечена важност, а има и такви на кои заради невнимателност картичките им се заробени во банкоматите, па нема како да си ги вратат.

Не е поразлична ниту сликата пред другите банки каде граѓаните бараат спас, обидувајќи се да ги префрлат своите сметки за да можат да продолжат да располагаат со идните приливи на средства.

Централата на банката и две експозитури се во Битола. Утрово банкоматите беа во функција, дел од граѓаните го подигнаа својот неделен лимит. Во Пелагонискиот регион банката има значително голем број на клиенти, се работи на зачувување на нивната финансиска состојба.

Се работи и на надминување на проблемот за граѓаните кои немаат картички. Од Народна банка информираат, во текот на оваа недела ќе бидат отворени и посебни пунктови во експозитурите каде оваа категорија ќе можат да ги подигнат своите средства.

Плаќањето во рамките на Алта банка се неограничени. Правните лица корисници на банката, имаат проблем со исплата на плата за вработените кои имаат сметки во други банки, но и со подмирување на придонеси и даноци - предизвик за кој бара решение.

Александра Максимовска