Политика

Мицкоски се сретна со премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, најавена негова посета на Македонија

03.11.2026 16:52

На средбата, на која присуствувале и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерката за енергетика Сања Божиновска, биле разгледани досегашната соработка и можностите за нејзино продлабочување.

Премиерот Христијан Мицкоски во Германија оствари средба со премиерот на сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, Хендрик Вуст. Во фокусот на разговорите биле економската соработка, привлекувањето нови германски инвестиции и спроведувањето на заедничката Декларација за намери, а Мицкоски информира дека Вуст изразил подготвеност да ја посети Македонија.

На средбата, на која присуствувале и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерката за енергетика Сања Божиновска, биле разгледани досегашната соработка и можностите за нејзино продлабочување.

Мицкоски посочува дека германските компании „Костал“, „Кромберг и Шуберт“, „ВИК“ и „Гересхајмер“, кои веќе работат во земјава, се пример за потенцијалот за привлекување нови инвеститори од оваа германска покраина.

На средбата било изразено задоволство и од спроведувањето на заедничката Декларација за намери за соработка, која опфаќа повеќе области, меѓу кои економијата, инвестициите, образованието, културата и здравството, како и поддршката за европската интеграција на Македонија.

Според Мицкоски, најавената посета на Вуст на Македонија ќе биде дополнителна можност за унапредување на партнерството и отворање нови перспективи за соработка.