Здравство

Нов случај на морбили - расте опасноста од ширење на заразата

03.11.2026 19:53

Уште еден случај на морбили, петти по ред. Станува збор за едно и полгодишно бебе. Се чека официјална потврда за епидемиолошката поврзаност меѓу случаите. Од здравство со апел да се почитува вакцинацијата, затоа што станува збор за еден од најзаразните вируси кој може да резултира со епидемија.

Едно и полгодишно дете од Скопје е заразено од морбили. Не било вакцинирано, а се инфицирало во земјава. Ова е нов, петти случај. Првичните информации укажуваат дека вчерашните случаи и бебето од Косово се епидемиолошки поврзани. Имале контакт во болница.

Околу 15 илјади бебиња помали од една година, кои не подлежат на вакцинација со МРП, се под ризик да заболат од морбили. Здравствените власти со апел родителите навреме да ги имунизираат децата.

„Веќе има инспекциски надзор во сите здравствени установи каде што можело да настане примарен и секундарен контакт. Нивото на алармирање е значително. Апелирам на свест и самосвест кај сите, ако не ја прележале болеста, две дози на вакцина ќе ги заштитат бебињата кои не можат да бидат вакцинирани“, изјави министерот за здравство, Сашо Клековски.

Морбилите се високозаразно заболување, затоа при зголемена температура и осип да се контактираат матичните лекари. Да се избегнува чекање во ординациите, така ќе се спречи ширење на заразата.

Епидемија на морбили веќе прогласија соседна Бугарија и Косово. Пред седум години, епидемија имаше и во земјава, која заврши со повеќе од две илјади заразени и четири смртни случаи како резултат на компликации.

 

Андријана Ѓурческа