Владата го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година, предлогот оди пред пратениците
Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година, со вградени реалокации меѓу буџетските корисници, е усвоен на денешната владина седница. Вкупните приходи се проектирани на 374,2 милијарди денари, а расходите на 420,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит останува 46,3 милијарди денари, односно 3,9 проценти од БДП. Предлогот повторно ќе биде доставен до Собранието на усвојување на пленарна седница.

Владата го усвои Дополнетиот Предлог-ребаланс на Буџетот за 2026 година, во кој се вградени реалокации меѓу буџетските корисници. Предлогот, по завршувањето на расправата во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет, повторно ќе биде доставен до Собранието за усвојување на пленарна седница.
Со дополнетите измени, вкупните приходи се проектирани на 374,2 милијарди денари, што е за околу 5,3 милијарди денари помалку во однос на претходните проекции. За истиот износ се намалуваат и вкупните расходи, кои сега се планирани на 420,5 милијарди денари.
Буџетскиот дефицит останува на ниво од 46,3 милијарди денари, односно 3,9 проценти од бруто-домашниот производ.
Со предложените измени се врши усогласување на буџетските средства со планираната реализација до крајот на годината и се обезбедуваат средства за приоритетни исплати.
Проекцијата за економскиот раст за 2026 година останува на 4,3 проценти.
Според Министерството за финансии, измените имаат цел да го усогласат Буџетот со новите економски услови, остварувањата во текот на годината и реалната динамика на реализација на расходите.
