Продолжува судењето

Проектот за реновирање на „Пулс“ не бил ревидиран и одобрен

03.11.2026 19:04

Делумна и непотполна проектна документација која ги нема сите фази предвидени со Законот за градење – вештаци за дискотеката „Пулс“ на продолжението на судскиот процес.

Спорна е констатацијата дека дискотеката „Пулс“ ги исполнувала условите, што е во суштинска противречност со фактичката и правна состојба реагира обвинителството на сведочењето на градежниот вештак предложен од Дејан Јованов-Деко. Дополнително обвинителите сметаат дека вештакот сам потврдил дека не е стручен за повеќе области клучни за овој предмет.

„Особено загрижува начинот на кој вештакот ги релативизира недостатоците од областа на евакуацијата и противпожарната заштита. Во сите три вештачења воопшто не може да се препознае настанот за кој се изработени, со оглед на тоа што последицата ја нема никаде – ниту на почетокот, ниту во заклучоците. Ова вештачење содржи противречности и ограничувања и не може да се прифати како целосно стручна и релевантна основа за утврдување на фактичката состојба“, велат од Јавното обвинителство.

На денешното рочиште беше сослушан вештакот предложен од одбраната на обвинетата Милка Едровска, инженерка од фирмата „Венци проект“. При испрашувањето од адвокатите на одбраната тој изјави дека проектот за реновирањето на „Пулс“ бил лист хартија и не бил ревидиран и валиден.

„Проектот на Милка Едровска ги има само трите фази, но не е ревидирана противпожарната заштита. Не е однесен проектот до Општина Кочани на испитување и не е валиден штом нема влезено во Општина, да се озакони“, рече вештакот, сведок на одбраната, Јорго Османли.

Родителите на загинатите прашаа кој ја проверил и одобрил таа документација? Дали биле испочитувани законските постапки и како било дозволено нејзиното користење?

Следното рочиште за случајот Пулс продолжува со сослушување на сведоци на одбраната и материјални докази.

Викторија Милевска