Македонија

ОЈОГОКК: Македонија дел од меѓународна истрага за интернет-инвестициски измами, уапсени седум лица

03.11.2026 17:17

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција учествува во меѓународна координирана операција против транснационална криминална мрежа осомничена за организирани инвестициски измами преку интернет.

Македонија учествува во меѓународна истрага насочена кон разбивање транснационална криминална мрежа осомничена за организирани инвестициски измами преку интернет.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, преку Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност, презело дејствија во рамки на меѓународната координирана операција, со поддршка на Европол и Европравда.

Во истрагата учествувале надлежни органи од Германија, Кипар, Финска, Албанија, Израел, Косово и Македонија.

Како резултат на координираните активности, во различни земји се уапсени седум осомничени лица, извршени се претреси на 17 локации и запленети се повеќе од 100 сервери, како и друга електронска опрема, докази и средства поврзани со криминалните активности.

Според досегашните сознанија, финансиската штета надминува четири милиони евра, а потенцијални жртви на измамите се идентификувани во најмалку 50 држави.