Србија

Отворена стечјна постапка за Алта банка Белград

03.11.2026 20:51

Трговскиот суд во Белград отвори стечајна постапка за Алта банка Србија. Штедачите со депозити до 50 илјади евра ќе бидат обесштетени во рок од три години, оние со поголеми влогови ќе чекаат разврска на стечајот.

Трговскиот суд во Белград денеска отвори стечајна постапка за Алта банка Белград. Агенцијата за осигурување на депозити соопшти дека до 6 ноември ќе објави информации за датумот на почеток на исплатата на осигурените износи.

За стечаен управник е назначена Агенцијата за осигурување на депозити. Нејзиниот Управен одбор ја избра „Банка Поштанска штедионица“ како банка-исплатувач за исплата на осигурените износи на депонентите на Алта банка.

До петок, 6 ноември 2026 година, Агенцијата ќе објави информации за датумот на почеток на исплатата на осигурените износи, како и список на експозитури на „Банка Поштанска штедионица“ каде што ќе се вршат исплатите. Агенцијата за осигурување на депозити е должна да ја започне исплатата на осигурените износи на депозитите во рок од следните седум работни дена“, соопштија од Агенцијата.

Депонентите ќе можат да ги побараат своите осигурени износи во рок од три години. „Системот за осигурување на депозити ги штити физичките лица, претприемачите, како и микро, малите и средните правни лица, до максимален износ од 50.000 евра, без оглед на валутата или видот на банкарската сметка. На сите осигурени лица ќе им биде овозможен пристап до средствата што ги имале во Алта банка преку одредената банка-исплатувач – ’Банка Поштанска штедионица‘. Депозитите во динари ќе се исплаќаат во динари, додека девизните депозити ќе се исплаќаат во евра“, наведуваат од Агенцијата за осигурување на депозити, и додаваат дека располагаат со доволно средства за исплата на сите осигурени износи на депонентите на Алта банка.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ