Притвор за Мацура, под лупа и помилувањата
Продолжува борбата против корупцијата и криминалот во Србија по победата на Студентската листа на парламентарните избори. Сопственикот на Алта банка Белград, Давор Мацура, и уште двајца раководители добија 30-дневен притвор. Продолжија распитите на високите полициски началници, а во јавноста реакции предизвика и списокот на 49 лица помилувани од поранешниот претседател Александар Вучиќ.

Динамичен ден за Србија и вчера во борбата против корупција и криминал, по победата на Студентската листа на парламентарните избори. Синоќа Вишиот суд во Белград на сопственикот на Алта банка Белград, Давор Мацура, и на уште двајца раководители на банката им одреди притвор од 30 дена поради опасност од бегство, влијание врз сведоците и повторување на делото.
Авионот, кој полета синоќа од аеродромот „Никола Тесла“ кон Москва, се врати во Белград откако „Ер Србија“ доби информација за дополнителни безбедносни проверки на поранешниот министер и директор на тајната служба БИА, Александар Вулин, кој наводно се качил во авионот без безбедносна проверка.
Во авионот се наоѓале и министерот Ненад Поповиќ, и директорот на „Србија гас“, Душан Бајатовиќ. Сите тројца важат за проруски настроени политичари. Летот доцна синоќа со наведените патници продолжил кон Москва.
Продолжи распитот на високите полициски началници Марко Кричак и Бошко Секуловиќ, а голема полемика и незадоволство се јави по објавувањето на список на сите 49 лица помилувани од поранешниот претседател Александар Вучиќ, меѓу кои е и Дијана Хркаловиќ, поранешна државна секретарка во МВР, поврзана со Вељко Беливук, како и лица кои ги претепуваа и прегазуваа студентите при протестите.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
