Трајков: Членството во ЕУ е недвосмислена стратешка определба, преку 45% од европското право успешно транспонирано
„Членството во ЕУ е недвосмислена стратешка определба, која има широка општествена поддршка. Европската интеграција е трансформативен процес кој резултира со конкретни реформи, посилни институции и опипливи придобивки за нашите граѓани и бизниси. Токму тоа е неговото вистинско значење: реформи дома, интеграција во ЕУ и подобрувања во секојдневниот живот на луѓето“, истакна заменик-министерката за европски прашања, проф.д-р Викторија Трајков на денешното отворање на дводневната работилница која е во организација на TAIEX...
„Членството во ЕУ е недвосмислена стратешка определба, која има широка општествена поддршка. Европската интеграција е трансформативен процес кој резултира со конкретни реформи, посилни институции и опипливи придобивки за нашите граѓани и бизниси. Токму тоа е неговото вистинско значење: реформи дома, интеграција во ЕУ и подобрувања во секојдневниот живот на луѓето“, истакна заменик-министерката за европски прашања, проф.д-р Викторија Трајков на денешното отворање на дводневната работилница која е во организација на TAIEX (Инструмент за техничка помош и размена на информации на Европската комисија) работилница за усогласување на законодавството на нашата земја со правото на ЕУ.
Заменик-министерката на работилницата истакна дека нашата земја повеќе од две децении го усогласува правниот и институционален систем со правото на ЕУ, во согласност со обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
„Процесот на апроксимација започна со транспонирање на клучните акти од областите поврзани со внатрешниот пазар, а продолжи во сите други области. Денес можеме да кажеме дека преку 45% од европското право е веќе успешно транспонирано во нашиот домашен правен систем. Резултатите се гледаат и надвор од законите: силна политичка поврзаност, вклучително и во областа на надворешната и безбедносната политика, засилена трговска соработка, европеизирани политики, обучена администрација и подобрена инфраструктура“, рече Трајков, додавајќи дека извештаите на Европската комисија се мапа за претстојните приоритети.
Заменик-министерката за европски прашања потенцираше дека правилната транспозиција е од суштинско значење за ефикасно спроведување на законодавството во согласност со европските правила и стандарди. Паралелно со преговорите, важни инструменти за забрзување на оваа трансформација се Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и Реформската агенда.
Квалитетната хармонизација, како што оцени Трајков, не е само обврска во преговорите, туку и услов за финансиска поддршка и за придобивки што граѓаните и компаниите можат да ги почувствуваат уште пред полноправното членство.
На работилницата беа претставени европски и регионални искуства во однос на прилагодувањето кон европското законодавство со конкретни насоки во одделни области.
