Народна банка

Од утре исплата на средства од Алта банка во Битола за граѓаните без платежни картички

04.11.2026 10:58

Од утре, 5 ноември, почнува исплатата на средства од шалтерите на Алта банка во Битола за граѓаните кои имаат платежни сметки во банката, но немаат платежни картички. Максималниот износ што ќе може да се подигне е 20.000 денари во период од две недели. Исплатата ќе се врши според распоред, за кој граѓаните ќе бидат известени преку СМС-порака.

Граѓаните кои имаат платежни сметки во Алта банка АД Битола, но немаат платежни картички, од утре ќе можат да ги подигнуваат своите средства од шалтерите во главната филијала на банката во Битола.

Од Народната банка информираат дека за таа цел ќе бидат отворени повеќе шалтери на улицата „Добривое Радосављевиќ“ број 21. Можноста за подигање готовина особено се однесува на пензионерите и примателите на социјална помош кои средствата ги добиваат преку сметки во банката, а немаат платежни картички.

Граѓаните ќе можат да повлечат најмногу 20.000 денари, колку што изнесува дозволениот лимит за период од две недели.

Од 6 ноември, вклучително и во сабота на 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени, со цел да се опслужат што поголем број клиенти.

Исплатата ќе се реализира во текот на повеќе денови, според однапред утврден распоред. Граѓаните ќе добијат СМС-пораки со точниот ден и час кога треба да дојдат во филијалата.

Од Народната банка апелираат да се почитуваат добиените термини за да се избегнат гужви и подолго чекање.

За оние кои нема да можат да дојдат во определениот термин, ќе бидат обезбедени дополнителни термини. Шалтерите ќе бидат наменети исклучиво за подигање готовина, без можност за вршење други трансакции.

Во меѓувреме, се подготвува отворање шалтери за пензионерите и примателите на социјална помош и во други градови во земјата, за што Народната банка дополнително ќе информира.