11 возачи лишени од слобода за безобѕирно управување – осум возеле без дозвола, тројца биле пијани
11 возачи биле лишени од слобода во изминатото деноноќие поради безобѕирно управување со моторно возило. Осуммина возеле без положен возачки испит, а тројца биле под дејство на алкохол и претходно учествувале во сообраќајни незгоди. МВР најавува кривични пријави по целосно документирање на случаите.

Осум возачи без положен возачки испит и тројца под дејство на алкохол биле лишени од слобода во изминатото деноноќие на различни локации низ државата. Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, сите 11 се сомничат за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“.
Меѓу приведените се лица на возраст од 19 до 47 години од Скопје, Тетово, Гостивар, Радовиш, Струга и Кичево, кои управувале возила без претходно да положат возачки испит.
Во Гостивар бил извршен и службен разговор со 16-годишник кој управувал патничко возило без да се стекне со право на управување. Разговорот бил спроведен во присуство на негов родител.
Другите тројца возачи, на возраст од 31 до 43 години, управувале под дејство на алкохол, а претходно учествувале и во сообраќајни незгоди. Станува збор за лица од кумановско, кичевско и кривопаланечко.
По целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР апелираат до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, да не управуваат возило без положен возачки испит или под дејство на алкохол, како и доколку имаат изречена забрана за управување. Целта е спречување на сообраќајни незгоди и заштита на човечките животи.
