Македонија ги започнува квалификациите за ЕП 2028, вечерва против Луксембург

04.11.2026 13:05

Македонската ракометна репрезентација вечерва ги започнува квалификациите за пласман на Европското првенство во 2028 година. Прв противник на избраниците на селекторот е Луксембург, а капитенот Филип Кузмановски верува во победа и успешен почеток на квалификацискиот циклус.

Македонската ракометна репрезентација вечерва во Скопје го игра првиот натпревар од квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Противник на „црвено-жолтите“ е селекцијата на Луксембург.

Капитенот Филип Кузмановски очекува победа на домашен терен, но и позитивен резултат на гостувањето кај Грција во второто коло.

Тој истакнува дека репрезентацијата има континуитет на настапи на големите натпреварувања и дека новата генерација напредува и стекнува искуство.

„Македонија изминатиов период покажа еден континуитет на големите натпреварувања и сакаме да го продолжиме тоа. Искрено мислам дека напредуваме од првенство на првенство, се создаде една нова генерација, позрели сме, поискусни и нормално дека посакуваме сега да обезбедиме уште едно учество на Европско првенство“, изјави Кузмановски.

Натпреварот Македонија – Луксембург ќе се игра во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, со почеток во 19 часот, а преносот од натпреварот е на МРТ1.

Во вториот натпревар од овој квалификациски циклус, македонските ракометари в недела ќе гостуваат кај селекцијата на Грција.