Случај „Алта банка“

Филипче бара оставка од Славески, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за создавање паника

04.11.2026 17:17

Политичките обвинувања околу Алта банка продолжуваат. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, бара оставка од гувернерот Трајко Славески, обвинувајќи го за пропусти во постапувањето со банката. ВМРО-ДПМНЕ возвраќа дека СДСМ создава немир и недоверба во банкарскиот сектор.

Гувернерот Трајко Славески, да си поднесе оставка и да престане со носење одлуки со кои дополнително ја загрозува стабилноста на финансискиот систем и довербата на граѓаните – побара лидерот на социјалдемократите Венко Филипче.

„Гувернерот не ја исполни својата обврска да провери кој стои зад банката, каква е неговата репутација и каков капитал влегува во македонскиот финансиски систем. Гувернерот неосновано најавува решенија за кои нема надлежност, како што е најавата за продажба на акции. Таква одлука може да донесе само оној кој управува со стечајот на Алта банка, а тоа е Агенцијата за осигурување на депозитите во Србија“ – вели Филипче.

Филипче и СДСМ со притисокот кон НБРМ и Алта банка, создаваат терен бизнисмен близок до нив да ја купи банката за ниска цена, велат во ВМРО-ДПМНЕ. Државата, вклучително и Народна банка ги преземаат сите мерки за заштита на интересите на државата, граѓаните, штедачите, инвеститорите – нагласува владејачката партија.

„Ниту банкарскиот систем во државата е доведен во прашање, ниту незадоволство има, ниту немир или паника. Единствено СДСМ и Венко Филипче сакаат вештачки да предизвикаат немир и паника кај граѓаните и нивна недоверба во банкарскиот сектор и државните институции“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

И додека Филипче негира дека тој и партијата која ја води создаваат терен за бизнисмен близок до нив да ја купи Алта банка, тврдејќи дека власта прави дефокус од главните проблеми, на сопственикот на Алта банка, Давор Мацура му е одреден притвор од 30 дена.

Миле А. Ристески