Мицкоски од Дизелдорф: Членството во ЕУ значи промена со додавање вредности, а не промена на идентитетот
Премиерот Христијан Мицкоски на Самитот посветен на отпорноста во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија порача дека Македонија веќе 15 години не е членка на Европската Унија поради, како што рече, вештачки прашања. Според него, блокадите од земја-членка ја нарушуваат и отпорноста на самата Унија. Мицкоски побара робусна реакција од ЕУ и порача дека европската интеграција не смее да значи промена на идентитетот.

Македонија веќе 15 години не е членка на Европската Унија поради вештачки прашања, а новите условувања од земја членка претставуваат слабост во системот на Унијата. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски на Самитот посветен на отпорноста во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, во Дизелдорф.
На панелот „Отпорноста како императив за севкупното општество“, Мицкоски посочи дека нарушувањето на системите не мора секогаш да биде предизвикано со оружје, туку може да се случи и преку други средства и политички притисоци.
Според него, потребна е робусна реакција на Европската Унија кога земја кандидат се соочува со прашања од минатото, поставени од земја членка.
Мицкоски порача дека членството во ЕУ треба да значи промена преку додавање вредности, а не промена на идентитетот. Тој потсети дека европскиот пат на земјата започнал пред 26 години, дури и пред Хрватска, која денес е членка на Унијата.
Премиерот нагласи дека Македонија е членка на НАТО, целосно усогласена со надворешната политика на ЕУ и придонесува во заштитата на Унијата од нелегална миграција, додавајќи дека земјата ќе продолжи да се бори за своите права и европска иднина.
