Воен конфликт

Продолжуваат руските напади врз Украина, Зеленски бара Европа да биде вклучена во преговорите

04.11.2026 19:36

Продолжува спасувачката акција по руските напади во украинскиот регион Запорожје, каде што расте бројот на загинати. На теренот и натаму постои опасност од нови напади и беспилотни летала. Во меѓувреме, Зеленски инсистира Европа да биде вклучена во мировните преговори, а поранешната портпаролка на украинскиот претседател, Јулија Мендел, е под истрага за велепредавство.

Продолжува спасувачката акција по масовните напади во Украина во регионот Запорожје. Расте бројот на жртви. Во понеделникот, украинскиот претседател Зеленски изјави дека руските напади биле насочени кон училиште во Комишуваха, кое се користело за дистрибуција на хуманитарна помош.

„И денес и вчера, за време на евакуацијата, постоеше постојана закана од непријателски беспилотни летала, како и од дополнителни напади со авионски бомби. Штом ќе забележиме движење на непријателско беспилотно летало, мобилните противвоздушни групи дејствуваат со цел негово уништување“, изјави Јевгениј Токарев, началник на Главната управа на Националната полиција во регионот Запорожје.

„Во врска со непријателското гранатирање во идентификацијата на телата на загинатите се вклучени истражители од Националната полиција, експертско-криминалистичката служба на Националната полиција, оперативната единица, како и Центарот за пронаоѓање лица исчезнати под посебни околности“, изјави Вадим Аксјоненко, виш истражител во Истражниот оддел на Националната полиција.

На фронтот војната продолжи и изминатото деноноќие во повеќе региони. Нови дипломатски трилатерални разговори се закажани за 10 и 11 ноември.

„Путин не ја сака Европа и не ја вклучува во равенката, но ние правиме сè што можеме за да ја вклучиме Европа во преговорите. Верувам дека на крајот таков формат ќе биде прифатен, бидејќи без Европа, нема безбедност“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Во исто време, поранешната портпаролка на Зеленски, Јулија Мендел е под истрага за велепредавство. Постапката се води во отсуство бидејќи таа моментално се наоѓа во странство. Според информациите, Мендел наводно спроведувала информативни и субверзивни активности насочени против Украина.

Маријана Димовска