Научна дебата

Политички говор на омраза кон Македонија

04.11.2026 17:45

Негирањето на македонскиот идентитет води кон политички говор на омраза – презентирана двегодишната анализа. Во фокусот на учесниците на научната дебата, наративите кои доаѓаат од соседна Бугарија. За посебноста за македонскиот јазик не треба да се дискутира – став на академската заедница.

Апетитите на Софија нема да ги задоволи вметнувањето на бугарската заедница во Уставот. Низата барања и условувања ќе продолжат и по овој чекор, вели професорот Огнен Вангелов, анализирајќи го Вториот протокол од Договорот. Потенцира дека на Софија ќе ѝ се даде институционална можност да бара промени во историското претставување надвор од она што ќе го договори Историската комисија. Според професорот Вангелов, Бугарија и во рамките на ЕУ ќе го проблематизира прашањето за македонскиот јазик.

„Знаеме дека Историската комисија веќе со години не може да постигне никакви резултати, меѓутоа врз основа на правата за заштита на бугарската заедница, која ќе стане уставна категорија, потоа Софија може да бара промена на одредени наставни програми или промени на одредени презентации на изразување на македонскиот идентитет преку наводна заштита на веќе уставно гарантираните права на бугарската заедница“, вели Огнен Вангелов – универзитетски професор.

Според анализата на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, Бугарија ја игра улогата на жртва и се позиционира како носител на македонската вистина, додека Македонија е претставена како актер што ја реинтерпретира историјата, велат професорите кои работеа на истражувањето. Академската заедница е со став дека не треба да се дискутира за посебноста на македонскиот јазик.

„Деградација на македонскиот јазик на дијалект, негативни стереотипи на Македонците, трето – навредливи јазично-реторички изрази, малициозна и вулгарна експресија на социјалните и други мрежи, па и во настапи на официјални политички фигури и интелектуалци кога ни ја именуваат државата како ФИРОМ, порано нели Фиромјани, Скопјани“, нагласи Катица Ќулавкова – академик.

„Овие негирачки наративи и тоа како можат да бидат категоризирани како политички говор на омраза, кој меѓу другото може да има долгорочни општествено-политички импликации, како што е оспорување на нашите политички процеси и евроинтеграции“, рече Ганка Цветанова – универзитетска професорка.

Со научниот собир се заокружува двегодишната научноистражувачка работа посветена на негирањето на македонската национална и јазична посебност како форма на политички говор на омраза.

Викторија Милевска