Сомнеж за убиство и самоубиство во Богданци
Грозоморен случај на убиство и самоубиство во Богданци. 17-годишна девојка, која претходно го пријавувала момчето за насилство е пронајдена мртва во опожарен автомобил. Во близина било и безживотното тело на 21-годишникот. Во тек и истрага за расчистување на сите околности.

Богданци во шок и неверување. Момче и девојка на возраст од 21 и 17 години пронајдени мртви во периферијата на градот. Според првичните информации, момчето било обесено на дрво, а во автомобил кој горел било безживотното тело на 17-годишната средношколка.
Трагедијата била пријавена синоќа околу 19 часот од страна на жител на Богданци.
Момчето и девојката претходно биле во врска. По раскинувањето, девојката во неколку наврати го има пријавувано момчето за загрозување на безбедноста и физички напади.
Жителите на Богданци, шокирани по веста дека два млади живота згаснаа од нивната општина.
Првичните индиции упатуваат дека во атарот на Богданци се случило убиство и самоубиство, меѓутоа допрва ќе се испитува целиот случај. Јавен обвинител од ОЈО Гевгелија има обезбедено снимки од видеонадзор, а се обезбедуваат и дополнителни докази за да се испитаат причините за настанот.
Ване Трајков
