Сиљановска-Давкова на средба со Руте: Потврдена посветеноста на Македонија на НАТО и колективната одбрана
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Брисел се сретна со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. На средбата ја реафирмирала посветеноста на земјава на Алијансата, колективната одбрана и исполнувањето на сојузничките обврски. Разговарале и за модернизацијата на Армијата, безбедносното значење на Коридорите 8 и 10, како и за поддршката за Украина.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на работната посета на Брисел, оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
На средбата ја реафирмирала посветеноста на Македонија на НАТО и колективната одбрана, нагласувајќи дека сојузничкото единство и силната трансатлантска врска се темелни предуслови за безбедноста.
Сиљановска-Давкова ја потврдила определбата за достигнување на целта за издвојување средства за одбраната, согласно Хашкиот план. Посочила дека земјава континуирано вложува во модернизацијата на Армијата, сајбер-отпорноста, новите технологии и заштитата на критичната инфраструктура.
Во разговорот ги истакнала и стратешкото значење на Коридорите 8 и 10 за регионалната соработка и безбедносните интереси на НАТО и Европската Унија, особено во контекст на воената мобилност.
Претседателката изразила задоволство од сертификацијата на Лесната пешадиска баталјонска група како борбено подготвена, оценувајќи го тоа како потврда за професионалноста и способноста на Армијата да придонесува во операциите предводени од НАТО, ЕУ и ОН.
Сиљановска-Давкова ја реафирмирала и поддршката за Украина, нагласувајќи ја потребата од континуирана политичка, воена, финансиска и хуманитарна помош.
Според неа, сеопфатниот, праведен и траен мир мора да се темели врз меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации.
