Ревизија

Железницата со загуба од 4,7 милијарди денари, застарена инфраструктура и недоволно одржување

05.11.2026 13:26

Железничката инфраструктура во земјава е застарена, недоволно одржувана и делумно нефункционална, а ЈП ЖРСМ Инфраструктура со години работи со загуби. Ова го утврдила Државниот завод за ревизија со ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста на претпријатието за 2024 година. Ревизорите констатирале вкупна акумулирана загуба од 4,7 милијарди денари, недоволно искористени средства, проблеми со проектите на Коридорот 8 и недостатоци во управувањето со имотот и човечките ресурси.

Државниот завод за ревизија утврдил сериозни слабости во работењето на ЈП ЖРСМ Инфраструктура Скопје. Според конечниот ревизорски извештај за 2024 година, претпријатието континуирано остварува негативни финансиски резултати, што влијае врз одржувањето, рехабилитацијата и модернизацијата на железничката инфраструктура.

Загубата за 2024 година изнесува 188 милиони и 775 илјади денари, а заедно со загубите од претходните години достигнува 4 милијарди 724 милиони и 897 илјади денари.

Ревизијата покажала дека за изградба, реконструкција и рехабилитација на железничката инфраструктура се одобрени заеми во вкупен износ од 191,4 милиони евра, од кои 44 проценти сè уште не се повлечени. До крајот на 2024 година, поради неповлечените средства, биле платени 7,78 милиони евра провизии, а за камати на заемите дополнителни 2,85 милиони евра само во 2024 година.

Посебни забелешки се однесуваат на проектите од источниот дел на Коридорот 8. За првата делница, Куманово – Бељаковце, вредноста на договорот е зголемена за 96 проценти во однос на првично договорената, додека рокот за завршување е пролонгиран за осум години и три месеци. Како причини се наведуваат грешки во проектната документација, дополнителни работи, промени на техничките решенија и избор на нов изведувач.

Ревизорите констатирале и дека 33 проценти од материјалните средства во подготовка биле набавени пред 15 години, а воопшто не биле искористени. Дополнително, за земјиште во вредност од над 7,2 милијарди денари не биле обезбедени имотни листови, а голем дел од градежните објекти не биле соодветно евидентирани во Катастарот.

Недостатоци се утврдени и во кадровската политика. Од систематизираните 1.314 работни места, пополнети биле 718, односно 54 проценти. Ревизијата покажала дека 30 проценти од вработените не ги исполнуваат посебните услови за степен или вид на образование.

Во однос на состојбата на железничката мрежа, Државниот завод за ревизија констатирал застарена, недоволно одржувана и делумно нефункционална инфраструктура. На дел од главните коридори 10, 10д и 8 се сообраќа со намалени брзини поради дефекти, застарени системи и опожарени прагови, додека на одредени делници сообраќајот е целосно запрен.

Ревизорите нагласуваат дека повеќе од 40 години нема значајни инвестиции во железничката инфраструктура и препорачуваат преземање мерки за нејзина модернизација, обновување и подобрување на безбедноста на железничкиот сообраќај.