Десет возачи лишени од слобода – седум возеле без положен возачки испит
Десет возачи биле лишени од слобода во изминатото деноноќие поради безобѕирно управување со моторно возило. Седуммина возеле без положен возачки испит, а тројца и покрај активна забрана за управување. Меѓу приведените има и двајца малолетници, на возраст од 15 и 16 години, а еден од возачите бил под дејство на алкохол.

Десет возачи биле лишени од слобода во изминатото деноноќие на различни локации низ државата поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, информира Министерството за внатрешни работи.
Од нив, седум управувале возило без положен возачки испит. Меѓу нив има и двајца малолетници на возраст од 15 и 16 години, од Скопје и скопското село Батинци. Приведени се и возачи од Скопје, Гошинце и Блаце, од кои еден претходно учествувал и во сообраќајна незгода.
Останатите тројца возачи управувале возило и покрај активна забрана за управување. Станува збор за лица од Скопје, Крушево и Штип. Возачот од Штип истовремено бил и под дејство на алкохол.
По целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат возило без положен возачки испит, со активна забрана или под дејство на алкохол.
