Пред Борисов е макотрпен период за составување нова влада!

06.10.2014 13:04

По изборниот процес Борисов не кажа на која политичка партија ќе и понуди место во новата Влада, но рече дека очекува тежок период во бугарската политика и ќе ги преземе ризиците на владеењето за да не дојде до повторни избори...

Партијата на десниот центар ГЕРБ однесе убедлива победа на предвремените парламентарни избори во Бугарија со што се потврдија анкетите кои предвидуваа убедлива победа на Бојко Борисов. Со освоени 90 места во Парламентот од вкупно 240 или 33 проценти (според се уште неофицијални податоци) извесно е дека ГЕРБ самостојно не би можела да формира Влада.

„Треба да имаме излезност, за да добиеме морално право да воведуваме реформи и да ги решаваме проблемите“, изјави Бојко Борисов, кандидат за премиер на новата Влада.

По изборниот процес Борисов не кажа на која политичка партија ќе и понуди место во новата Влада, но рече дека очекува тежок период во бугарската политика и ќе ги преземе ризиците на владеењето за да не дојде до повторни избори.

Пораз на изборите претрпеа досега владејачките Социјалисти, со освоени 16 проценти од гласовите. Тие резултатот го гледаат како незадоволство на граѓаните. Зад нив е партијата на бугарските турци со освоени околу 14 проценти.

Аналитичарите прогнозираат дека во новиот состав на парламентот ќе има осум политички партии, но како најдобро решение го сметаат коалицирањето со социјалистите и уште неколку помали партии. Во спротивно според нив, би дошло до продлабочување на политичката, економската и социјалната и криза.

Новиот кабинет на најсиромашната земја на ЕУ е петтата Влада за само две години, период проследен со масовни протести и незадоволство од страна на 7,4 милионското население кое живее на работ на сиромаштијата.

Маријана Димовска