Министерката за финансии негира дека Славески ја консултирал за влезот на Алта банка во Македонија
Министерката за финансии негира дека Славески ја консултирал за влезот на Алта банка во Македонија. Нејзината изјава следува по тврдењата на Гувернерот дека одлуката за давање на согласност на српската Алта банка да влезе со капитал во Стопанска банка Битола е донесена по неколкумесечна постапка во која биле вклучени и други институции. Надзорната расправа за Алта банка ќе се одржи во Собранието в среда на 11-ти ноември...

Министерството за финансии немало комуникација со Народната банка, ниту имало информации за преговорите за влез на Алта банка на македонскиот пазар. Министерката Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека немале комуникација со гувернерот за ова прашање.
Нејзината изјава следува по тврдењата на Гувернерот дека одлуката за давање на согласност на српската Алта банка да влезе со капитал во Стопанска банка Битола е донесена по неколкумесечна постапка во која биле вклучени и други институции.
Во интервјуто за Централниот дневник на МТВ вчера Министерката уверува дека банкарскиот систем е стабилен и регулиран со најстроги закони и доколку е потребно преку Фондот за осигурување депозити ќе бидат обесштетени депонентите.
СДСМ бара Министерката за финансии да си поднесе оставка, и да се отвори истрага за да се провери текот на парите на Алта Банка. На социјалните мрежи Филипче објави документ во кој пишува дека Владата носела заклучоци директно поврзани со понудата за преземање акции од страна на српската Алта Банка.
И од Обвинителството велат дека ситуацијата се следи, ако се детектираат неправилности ќе се постапува.
Надзорната расправа за Алта банка ќе се одржи во Собранието в среда на 11-ти ноември.
Борис Грујоски
