Финансии

Почна исплатата во Алта банка во Битола, засега средства добиваат само пензионерите

05.11.2026 17:06

Во Битола се отворија првите шалтери за исплата на средства за граѓани кои немаат картички. Максималниот износ за период од две недели е 20.000 денари, во една трансакција. Иако беше најавено, не се исплаќаше социјална помош, средства се исплаќаа само на пензионерите-на оние кои добиле СМС-порака, но и на останатите. Утре и задутре, шалтерите ќе работат во две смени.

Од денес во главната филијала на Алта банка во Битола, започнаа со работа пет шалтери за исплата на средства за граѓаните без платежни картички.

И покрај најавите, средства во максимален износ од 20.000 денари се исплаќаа само на пензионерите, но не и на корисниците на социјална помош. Приоритет имаа оние граѓани кои добиле СМС-порака, а потоа и оние без термин.

Од Народната банка велат дека се работи на изнаоѓање решение за оние правни лица со сметки во банката, кои треба да исплатат плати и обврски за даноци и придонеси. Во Пелагонискиот регион ги има многу, меѓу нив и дел од јавните претпријатија, за кои од Општината велат дека тоа не значи загрозување на нивната функционалност.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, во објава на социјалните мрежи информираше за јавните претпријатија кои имаат сметки во оваа банка. Од шесте посочени, јавните претпријатија „Паркинзи“ и „Пазари“ имаат салдо со по околу четири и пол милиони денари.

Заради зачувување на јавниот ред и мир, на терен беа присутни и полициски службеници, а огромната турканица пред банката ги активираше и екипите на Брзата помош.

Утре и задутре – сабота, шалтерите ќе работат во две смени. Се апелира до граѓаните да го почитуваат терминот, за да не се создаваат непотребни турканици.

Александра Максимовска