ЕК нотира напредок во енергетиката – реформи, нови капацитети и посилна енергетска инфраструктура
Раст на обновливите извори, реформи на пазарот на електрична енергија и нови интерконекции – Европската комисија нотира напредок во енергетскиот сектор во Македонија. Во извештајот за 2026 година се издвојуваат и инвестициите во енергетската инфраструктура и усогласувањето со европските регулативи.

Енергетскиот сектор во Македонија бележи напредок во развојот на обновливите извори, реформите на пазарот на електрична енергија и изградбата на нова инфраструктура. Ова е наведено во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2026 година.
Обновливите извори учествуваат со 58,22 проценти во вкупната инсталирана моќност, а со 46,37 проценти во домашното производство на електрична енергија. Планот за 2026 година предвидува изградба на 67 енергетски објекти, меѓу кои фотонапонски и ветерни електрани.
Како значајни чекори се издвојуваат донесувањето на Законот за обновливи извори на енергија, почетокот на функционирањето на пазарот на електрична енергија во текот на денот и активностите за интеграција со европскиот пазар.
Во тек е изградбата на гасниот интерконектор со Грција, планиран за завршување во 2027 година, како и 400-киловолтниот далновод со Албанија. Повторно е ставен во функција и продуктоводот Солун–Скопје.
Извештајот ги нотира и мерките за енергетска ефикасност на јавните објекти, како и развојот на методологија за утврдување на енергетската сиромаштија.
