Власта и опозицијата со спротивставени ставови за извештајот на ЕК
Власта и опозицијата со контрадикторни ставови за извештајот на Европската комисија. За опозицијата е катастрофален, без напредок во реформите, според власта пак, Брисел јасно нотира дека има значителен напредок во клучни области, зголемена подготвеност за членство во ЕУ и позитивни оценки за реформската агенда.

Извештајот на Европската комисија е катастрофален и е директна критика за владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ. Од партијата посочија и дека е нотиран нула напредок во борбата против корупцијата, јавните набавки и слободата на медиумите, додека судството се соочува со политички притисоци. Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ додаде дека Собранието ја злоупотребува скратената постапка за носење закони.
Катастрофата е кај СДС, партија која за меѓународен секретар има човек кој не ги разбира меѓународните работи и несуден амбасадор, Андреј Жерновски, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, такви кадри како Жерновски бира СДС во раководството, кој не знае што значи акронимот НАТО и кој е главен обвинител на Европското обвинителство.
„Во годишниот извештај на ЕК за Македонија, јасно стои дека е постигнат значителен напредок во клучни области, дека е зголемена подготвеноста за членство во ЕУ и нотирани се позитивни оценки за реформската агенда. СДС и Жерновски може колку сакаат да гледаат со друга диоптрија, но реалноста е дека Македонија се реформира и напредува и тоа го гледа и го вреднува и Европската Унија“ – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Извештајот на Европската комисија е една од најзагрижувачките оценки за Македонија во последните години, оценуваат од Демократската унија за интеграција. Според партијата, државата назадува во реформите, заостанува на патот кон ЕУ, балансерот е укинат, а новиот механизам за застапеност, останува нерешен.
Милчо Велески
