Масовни протести во Франција - синдикатите излегоа на генерален штрајк
Нови масовни протести во Франција против трошоците за живот. Стотици илјади луѓе излегоа на улиците. Регистрирани немири во повеќе градови. Синдикатите се во генерален штрајк. На улиците одново распоредени 70 илјади полицајци.

Протести и блокади во Франција. Синдикатите излегоа на генерален штрајк поради зголемените трошоци за живот. Приватниот и јавниот сектор се во застој. На протестите им се приклучија и средношколците, кои со блокади на училиштата веќе неколку недели бараат подобри услови за образование.
„Кога работодавачот е неразумен, постои ефикасен начин да се натера на разумност, а тоа е преку односот на силите. За синдикалните организации, најдобриот начин за воспоставување на тој однос на силите е – штрајкот“, изјави Фабиен Вилдије, национален секретар на синдикатот железницата во Франција.
Над 70 илјади полицајци одново се распоредени на улиците. Паралелно, организации за човекови права протестираат против прекумерното полициско присуство и обидите на властите да го ограничат правото на демонстрации полицијата интервенираше со солзавец во неколку градови.
„Ова е првпат по 10 години да учествувам на протест. Вистината е дека повеќе не можеме да ги задоволиме потребите на нашите деца. Образовниот систем е катастрофа, и сè останато, а нашата куповна моќ постојано опаѓа. Крајно време е владата да почне да се буди и да сфати дека народот зборува и дека треба да биде слушнат“, вели еден Французин.
Првичниот гнев поради лошите услови во образовниот систем прерасна во поширока генерациска фрустрација поврзана со идните перспективи, јавните услуги и порастот на трошоците за живот, велат аналитичари. Париската полиција предупреди дека меѓу 400 и 600 припадници на радикални крајно левичарски движења, насилни демонстранти и вандали би можеле да се инфилтрираат во протестните маршеви.
„Постои цела низа фактори што доведоа до оваа напната ситуација – од трошоците за живот, па сè до физичката состојба на јавните служби. И не станува збор само за физичката и материјалната состојба, туку и за психолошката во јавните служби во Франција, кои се под голем притисок – а таа напнатост постојано тлее“, изјави д-р Пол Смит, професор по француска историја и политика, универзитет во Нотингем.
Протестите против трошоците за живот изминатиот месец во повеќе земји на ЕУ прераснаа во немири што резултираа со илјадници уапсени и материјална штета на приватни и јавни објекти.
Маријана Димовска
