По пет случаи на морбили, засилена вакцинацијата со МРП во Скопје
По потврдените пет случаи на мали сипаници, вакциналните тимови ги повикуваат родителите да ги имунизираат децата. Иако има зголемен интерес за вакцинација, опфатот и натаму е под нивото потребно за колективен имунитет, а здравствените власти засега не планираат присилни мерки.

Тимовите за имунизација ги проверуваат вакциналните картони и ги повикуваат родителите чии деца не примиле МРП-вакцината да ги имунизираат. Има раздвижување на вакциналните пунктови деновиве. По потврдените пет случаи на мали сипаници, ризикот од ширење на заразата останува. На пунктот „Бит Пазар“ дневно против морбили се вакцинираат околу пет деца, најчесто на возраст од три и четири години. Првоодделенците пак, за ревакцинација доаѓаат организирано – околу 170 неделно.
„Вакцинацијата во претшколскиот диспанзер е со повик, со јавување на телефон, а во школскиот диспанзер преку смс порака до училиштата каде организирано во поголеми групи со родителите доаѓаат. Се забележува дека е засилена имунизацијата. Непримањето е некоја нивна објективна или субјективна причина, но поради засилениот интензитет на кампањи стануваат свесни дека треба да дојдат и ги носат“, изјави д-р Соња Ралева – вакцинален пункт „Бит Пазар“.
Новозаразени нема, но состојбата е загрижувачка, опфатот на имунизирани против мали сипаници со години наназад е под прагот за колективен имунитет. Центар, Карпош и Аеродром се скопски општини со најмногу невакцинирани деца, под 60 или 70 проценти.
„Редовно го вакцинираме. Сите вакцини се примени. Нема пропуштено ниту една вакцина“, изјави граѓанин.
„Сите вакцини се примени, сите што беа потребни се примени“, рече друг.
Епидемија на мали сипаници има во соседна Бугарија и во Косово. Болеста е високо заразна. Една здравствена установа во Скопје веќе се подготвува за прием на бебиња и деца доколку дојде до ширење на заразата.
Засега здравствените власти не планираат присилни мерки за зголемување на вакцинацијата против морбили, туку ќе се потпрат на свеста и одговорноста на родителите.
Андријана Ѓурческа
