Обвинителство

Савески: Забелешките на ЕК да бидат поттик за поефикасна работа

05.11.2026 17:52

Недостигот од обвинители, стручни кадри и финансиски средства влијае врз динамиката на постапките, но не смее да го доведе во прашање квалитетот на обвинителската работа. Државниот јавен обвинител Ненад Савески смета дека забелешките во извештајот на Европската комисија треба да бидат мотив за подобрување, а не причина за обесхрабрување.

Забелешките во најновиот извештај на Европската комисија за состојбите во правосудството треба да бидат поттик за поголема посветеност и поефикасна работа, а не причина за обесхрабрување, став на државниот јавен обвинител Ненад Савески. Признава дека постојат недостатоци, но посочува дека недоволниот број обвинители, стручна служба и финансиски средства директно влијае врз динамиката на постапките. Сепак, квалитетот на обвинителската работа, нагласува, не смее да биде доведен во прашање.

„Извештајот на Европската комисија во делот на обвинителството е одраз на една реално согледана состојба, но тоа не треба да нè демотивира, туку да нè мотивира да се фокусираме и да дадеме посилен притисок врз сето она што е лоцирано како недостаток“, изјави државниот обвинител Ненад Савески.

Савески се согласува и со критиките за политичките пресметки кога станува збор за правосудството. Според него, борбата меѓу политичките партии, без разлика дали се на власт или во опозиција, не смее да се води преку правосудниот систем. Тврди дека политичките изјави и притисоци не влијаат врз одлучувањето на обвинителите, кои работат врз основа на Уставот, законите и професионалните стандарди.

Покрај независноста, како еден од предусловите за поефикасно обвинителство, првиот човек во фелата ја посочува и финансиската самостојност. Савески инсистира на обезбедување средства неопходни за функционирање на институцијата.

Пораката од првиот човек на обвинителството е дека забелешките на Европската комисија треба да се преточат во конкретни подобрувања, а обвинителството да ја зајакне својата улога во борбата против организираниот криминал, корупцијата и криминалитетот.

Наташа Гркова-Петрушевска