Случајот во Богданци ги отвора прашањата за ефикасноста на системот
Последниот случај во Богданци ги отвори прашањата за ефикасноста на системот — додека БЈБ тврди дека полицијата постапувала по сите безбедносни протоколи, експертите и невладините укажуваат на бавни судски процедури и бараат фемицидот итно да се внесе како посебно кривично дело. За утре во Богданци е закажан протест под мотото „Стоп за фемицидот“.

Седум фемициди, седум жени кои повеќе не се меѓу нас. Зад секоја бројка стои човечка трагедија, а зад секоја трагедија се поставува прашањето – дали можеби можело да се направи нешто за истата да биде спречена?
Последниот случај во Богданци повторно ја отвори болната тема за семејното насилство и заштитата на жените. Кога ќе се пријави, дали навистина почнува нејзината заштита или тогаш само стартува институционална постапка?
Министерството за внатрешни работи во конкретниот случај реагирало соодветно, уверува првиот човек на Бирото за јавна безбедност Јанев. Полицијата изготвила и план за безбедност согласно со протоколите откако била известена дека има мерки на претпазливост.
Предметите во обвинителство се одвиваат бавно, а и судот е пребукиран. Се одолжуваат постапките особено и поради практиката сторителот на насилство да биде повикан во судската постапка, а не може во рочиште да се донесе решение, вели адвокатката Гусар.
Уште колку животи треба да се изгубат додека Собранието расправа дали заштитата од родово базирано насилство е „премногу прогресивна“, прашаат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.
„Жените и девојчињата не можат да чекаат политичарите да се договорат дали зборовите „род“ и „родова еднаквост“ им се прифатливи. Нивната безбедност не смее да зависи од политички калкулации. Ниту една институција не смее да се задоволи со соопштение по трагедија, без јасни одговори за тоа што било преземено за таа да се спречи“, соопштуваат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.
Реакции не стивнуваат. Од Здружението „Новинари за човекови права“ со отворено писмо до надлежните институции, со конкретно барање за системски промени.
„Ги повикуваме Владата, Министерството за правда, Собранието и сите надлежни институции сериозно да пристапат кон експлицитно воведување на фемицидот како посебно кривично дело во Кривичниот законик, по примерот на Италија, која во 2025 година усвои закон со кој фемицидот се препознава како самостојно кривично дело“, соопштуваат од здружението „Новинари за човекови права“.
Минатата година забележан е историски највисок број на пријави, 4.745 жени пријавиле дека се жртви на семејно насилство.
За утре во Градскиот парк во Богданци е најавен мирен протест со порака „Стоп за фемицидот“.
Ана Јосифоска
