Евроинтеграции

Подобра оценка од Брисел за реформите, уставните измени остануваат клучни

05.11.2026 19:05

Евроамбасадорот Рокас му го врачи извештајот за напредокот на земјава на премиерот Мицкоски. Порача, Брисел ги препознава посветеноста и напорите на Македонија, време е да ги искористите можностите. Извештајот е подобар од лани, со значителен напредок во спроведување на реформите, оцени Мицкоски. Бара европската интеграција да се темели на заслуги, не на билатерални условувања.

Македонија доби подобра оценка во извештајот за напредокот од лани. Брисел констатира значителен напредок во реформската агенда. Земјава е меѓу првите, со најдобри резултати во рамките на Европскиот инструмент за реформи и раст. Премиерот го доби извештајот од евроамбасадорот Рокас. Уставните измени и понатаму остануваат клучни за отворање на преговарачкиот процес. Нашата позиција и понатаму е дека европските интеграции мора да се темелат на јасни правила, предвидлив процес и меѓусебна доверба, став на Владата.

„Во извештајот се потврдува и економскиот раст од 3,5 проценти во 2025 година, односно овој Европски извештај го опфаќа извештајниот период заклучно со 31 август оваа година, иако потоа и Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка ги нивелираа своите прогнози во нагорна линија за оваа година. Зошто? Затоа што ги имаме, би рекол, повторно ажурирано извештаите за растот во 2024 и 2025. Во 2024 тој од 3 се нивелираше на 3,8, а во 2025 од 3,5 на 3,8 проценти“, изјави премиерот Мицкоски.

Евроамбасадорот Михалис Рокас порача дека Македонија го засилила својот ангажман, има напредок, посветена е на европскиот пат. Сега е моментот земјата да ги искористи можностите и да продолжи со напорите за исполнување на реформските приоритети.

„Ова се обврски преземени од земјата и ЕУ е подготвена да заврши со отворањето на преговорите во мигот кога ќе бидат донесени промените. Ги повикуваме сите политички страни да работат активно и да напредуваат кон членството на ЕУ, што секако бара национални напори со значителен дијалог меѓу политичките актери и општеството“, нагласи евроамбасадорот Рокас.

Од Владата порачаа дека ќе продолжат со реформите, зајакнувањето на институциите и борбата против корупцијата. Европската комисија ослободила 142,1 милиони евра во Реформската агенда. Во извештајот е нотирано економски раст од 3,5 проценти во 2025 година и намалена невработеност од 12,5 на 11,7 отсто.

Марина Стојанова-Тонева