Дигитално насилство

Жените мета на навреди, закани и говор на омраза

06.11.2026 08:33

Навреди, закани и сексистички коментари... жените се’ почесто се мета на дигитално насилство. Од обични граѓанки до пратенички и новинарки, сведоштвата откриваат загрижувачка слика за безбедноста на жените на интернет. За девет месеци, МВР регистрирало 98 кривични дела насочени кон лица од женски пол. Колку жени се охрабруваат да пријават и дали институциите соодветно реагираат?

„Имаше безброј, безброј, стотици коментари и навреди од различен тип, но мнозинството упатени кон мене беа на сексистичка основа. Имаше и навреди кон него, но тој беше дефиниран како неколегијален возач, а навредите кон моја страна беа само заради тоа што сум жена. Мнозинството беа дека не треба да возам, дека не треба жените да возат, дека не треба да добиваат шанса да полагаат и сл., а голем дел од навредите се состоеја од вулгарни зборови, пцовки, закани итн, итн., да не набројуваме“, изјави жртва на онлајн насилство која сакаше да остане анонимна.

Едно сообраќајно недоразбирање, снимено и објавено на социјалните мрежи, за кратко време се претворило во бран од сексистички навреди и закани. Наместо расправа за случувањето, во фокусот се нашол полот на жената зад воланот.

Од ваквите напади не се поштедени ниту жените на јавни функции. Пратеничките сведочат за секојдневни навреди, закани и омаловажувања, неретко од луѓе кои воопшто не ги познаваат.

„Јас секогаш викам дека можат да простат се освен успехот на една жена и веројатно сметаат дека на тој начин под притисок жената полесно би се откажала и полесно им се веројатно многу навредливи зборови се во женски род па полесно им е да ги користат за жените од разно разни епитети кои што се дел кои што немаат апсолутно никаква врска со ставот вие сте го искажале, но едноставно се однесуваат само на деградирачки, омаловажувачки ставови односно коментари“, вели пратеничката Моника Зајкова.

Лажните профили дополнително го отежнуваат препознавањето на оние што стојат зад нападите. Пратеничката Драгана Бојковска вели дека и самата била мета на вакви коментари, но дека тие не ја обесхрабриле.

„Најчесто навредите се случуваат на социјални мрежи и морам да истакнам дека најчесто тие навреди доаѓаат од лажни профили за кои што за мене укажува дека тие навреди и тие закани со кои што се соочуваме, позади нив стои еден лажен профил. Најчесто тоа се таканаречени „ботови“, но морам да кажам дека во ниту еден случај не било тоа момент кој што би ме обесхрабрило да продолжам понатаму“, изјави пратеничката Драгана Бојковска.

Но, колку жени се охрабруваат да пријават? Зајкова посочува дека и покрај пријавените закани, институционалната реакција изостанува. Токму тоа, според неа, може дополнително да ги обесхрабри жртвите.

„Ако јас лично како пратеник имам пријавено случај на закани или невкусни пораки кои што ми биле упатени, а од институциите има молк, тогаш како ќе ги охрабриме жените кои што еве не вршат некаква општествена функција да пријават?“, вели Зајкова.

Со онлајн вознемирување се соочуваат и новинарките. Кога навредите прераснуваат во закани и притисоци, последиците не се само лични. Може да биде загрозена и слободата на информирање, особено кога стравот води кон автоцензура.

Женската медиумска мрежа „Еднаква“ воспоставила алатка преку која новинарките можат да пријават различни форми на онлајн вознемирување.

„Преку алатката на Женската медиумска мрежа „Еднаква“, новинарките може да пријават секаква форма на онлајн вознемирување. Од навреди, закани и уцени по живот. Тоа може сега да го направат прилично брзо и едноставно. Целта е да добиеме поголема слика со навистина каков проблем се соочуваме“, рече Марија Митевска, претседателка на Женската медиумска мрежа „Еднаква“.

Пријавувањето е првиот чекор кон заштита, но само по себе не е доволно. Потребни се навремена институционална реакција, поддршка за жртвите и механизми што ќе спречат повторување на насилството. Пораката од жените што проговорија е дека молчењето не смее да биде единствениот избор.

„Мислам дека не треба никој да молчи. Било кој, особено жени, треба да се гласни, да одат до крај и да се изборат за тоа што е пред се човеково право“, посочува жртва на онлајн насилство.

Дека дигиталното насилство е сериозен проблем покажуваат и податоците на Министерството за внатрешни работи. Од први јануари до 30 септември 2026 година, МВР регистрирало 98 кривични дела со елементи на насилство, закани, говор на омраза, сексуално вознемирување и злоупотреба на лични податоци насочени кон лица од женски пол. Најбројни се делата демнење - вкупно 66, по што следуваат 13 случаи на загрозување на сигурноста преку компјутерски систем. Во евидентираните случаи има 101 жртва од женски пол, најмногу во Скопје и Тетово. Кривично пријавен е 81 сторител.

Зад овие бројки стојат вистински човечки приказни. А прашањето останува - колку жени сè уште молчат и дали институциите прават доволно за нивна заштита?

Мартин Николовски