Банките викендов ќе ги приспособуваат системите за новите стандарди во платниот промет
Можно е привремено да бидат недостапни одредени банкарски услуги, особено платежните трансакции, во текот на претстојниот викенд. Банките ќе вршат технички прилагодувања на системите пред воведувањето на новите стандарди во денарскиот платен промет, кои почнуваат да се применуваат од понеделник, 9 ноември.

Македонската банкарска асоцијација информира дека сите банки во земјава во текот на викендот ќе спроведуваат планирани системски прилагодувања за примена на новите стандарди во платниот промет.
Промените се однесуваат на новите платни налози, шифрите за целта на плаќањето и користењето на платежните сметки во ИБАН-формат.
Од Асоцијацијата посочуваат дека за време на техничките активности може да има привремени прекини или ограничена достапност на одредени услуги. Точните термини, опфатените услуги и времетраењето на ограничувањата ќе бидат објавени одделно од секоја банка.
Граѓаните и компаниите се повикуваат навреме да ги планираат плаќањата и редовно да ги следат известувањата на своите банки.
Од Македонската банкарска асоцијација потсетуваат дека постојните броеви на платежните сметки остануваат непроменети. Приспособувањето на нивниот приказ и користењето во ИБАН-формат во електронското и мобилното банкарство ќе го извршат банките.
