Божиновска: Македонија ги засилува регионалните енергетски поврзувања
Божиновска, учествуваше на министерскиот состанок на Иницијативата за енергетско поврзување на Централна и Југоисточна Европа (CESEC), што се одржа во Загреб.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на министерскиот состанок на Иницијативата за енергетско поврзување на Централна и Југоисточна Европа (CESEC), што се одржа во Загреб. Во фокусот на разговорите беа енергетската безбедност, регионалното поврзување и иднината на европскиот енергетски пазар.
Божиновска истакна дека енергетската безбедност и диверзификацијата на снабдувањето се неопходност, а регионалното поврзување и заедничките инвестиции се клучни за стабилноста на енергетскиот систем.
Таа посочи дека напредува изградбата на гасниот интерконектор со Грција, чија македонска делница треба да биде завршена до средината на 2027 година, додека интерконекторот со Србија е планиран за 2028 година. Двата проекта се дел од иницијативата „Вертикален гасен коридор“.
Министерката нагласи дека паралелно со инфраструктурните инвестиции се спроведуваат и реформи за усогласување на пазарот на гас со европските правила, со цел поголема транспарентност и конкурентност.
На состанокот се разговараше и за развојот на обновливите извори, електрификацијата, складирањето енергија и водородот. Божиновска информираше дека е завршена Националната студија за водород, која треба да ги постави основите за развој на идната водородна инфраструктура.
Таа посочи и дека климатската отпорност на енергетската инфраструктура треба да биде еден од клучните столбови на енергетската безбедност.
