Муцунски: Продолжува дијалогот со Софија за деблокада на евроинтегративниот пат
Шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски потврди – работиме на дијалог со соседна Бугарија за надминување на блокадата на евроинтегративниот пат. Процесот е поддржан и од европските претставници. Позициите на Скопје се јасни, велат од МНР – сакаме предвидлив пат што ќе води до полноправно членство во ЕУ.

Уставните промени остануваат услов за отворање на преговарачките кластери за пристапувањето во ЕУ. Во ситуација кога Македонија бара гаранции дека ќе нема нови блокади, се води дијалог со Софија поддржан и од европските претставници, потврди шефот на дипломатијата Муцунски.
Додека ЕУ не даде зелено светло за отворање на првиот кластер поглавја како за преостанатите кандидатки, Македонија ги продолжува реформите за приближување кон европските стандарди и јакнење на врските со сите европски држави. Швајцарија како актуелен претседавач со ОБСЕ понуди помош за постигнување на оваа цел.
Министрите за надворешни работи на Македонија и Швајцарија се заложиле за унапредување на одличните билатерални односи со поголема економска соработка. Се согласиле дека во време на сериозни глобални промени потребна е предвидливост, одговорност и силни партнерства за да се зачуваат мирот и просперитетот на европскиот континент.
Ирина Гелевска
