Тошковски во Будва: Повеќе нелегални премини, потребна е посилна европска соработка
Зголемување од 29 проценти на обидите за нелегален премин на границата во првите десет месеци од годинава регистрирало МВР. Министерот Панче Тошковски на форумот ЕУ – Западен Балкан во Будва побара посилна соработка во справувањето со миграцијата и криминалот во дигиталната ера

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски учествуваше на Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи, што се одржа на 5 и 6 ноември во Будва.
Во фокусот на неговите обраќања беа управувањето со миграцијата, граничната безбедност и борбата против криминалот во дигиталната ера.
Тошковски посочи дека во првите десет месеци од годинава обидите за нелегален премин на државната граница се зголемиле за 29 проценти во споредба со истиот период лани. Во овој период биле откриени и 23 случаи на криумчарење мигранти, во кои биле опфатени 144 лица, а кривичен прогон бил преземен против 38 сторители.
Тој ја истакна соработката со Фронтекс, чија заедничка операција со македонската полиција, покрај јужната, од август годинава се спроведува и на северната граница. Во завршна фаза се и подготовките за нејзино проширување на западната граница.
Осврнувајќи се на криминалот во дигиталната ера, Тошковски предупреди на предизвиците од сајберкриминалот, онлајн измамите и злоупотребата на новите технологии. Како значаен чекор ги посочи формирањето специјализирано одделение во МВР за истраги за злоупотреби на деца на интернет и потребата од побрза размена на информации и електронски докази со европските партнери.
На маргините на форумот, Тошковски се сретна и со извршната директорка на Агенцијата на ЕУ за азил, Нина Грегори, со која разговараше за продлабочување на соработката и усогласување на националниот систем за азил со европските стандарди.
