Ставрески: Се подобрува перспективата на велешани
Граѓаните на Велес ја гледаат перспективата преку вработувањата што почнаа да се реализираат во различни компании што работат во слободните економски зони...

Од синоним на катастрофално спроведена приватизација и затворање фабрики, Велес станува град каде што може да зборуваме за отворање нови фабрики и нови работни места, оцени вицепремиерот и министерот за финансии Зоран Ставрески при денешната работна посета во Велес.
Граѓаните на Велес ја гледаат перспективата преку вработувањата што почнаа да се реализираат во различни компании што работат во слободните економски зони, но и преку претходно реализираните 900 вработувања во Дрекселрмаер, 300 во турската инвестиција, како и почнатиот процес на германската Маркарт за селекција на 600 лица кои ќе бидат вработени.
Сето тоа ја подобрува перспективата на велешани особено на младите луѓе, нагласи вицепремиерот Ставрески.
Истакна дека кон тоа придонесуваат и владините политики кои се реализираат преку активните мерки на Агенцијата за вработување од каде има 900 вработувања реализирани преку различни програми, како и 250 вработувања преку кредитите што се даваат преку Македонската банка за поддршка на развојот кои ги искористиле над 20 фирми од Велес.
