Дипломатија

Муцунски – Касис: Продлабочување на економската соработка и поддршка за европската интеграција

06.11.2026 14:31

Еономската соработка, инвестициите и европската интеграција беа во фокусот на средбата на шефовите на дипломатиите на Македонија и Швајцарија, Тимчо Муцунски и Ињацио Касис, кој престојува во официјална посета на земјава. Разговарале и за развојната соработка, реформските процеси и безбедносните состојби во Европа.

Продлабочување на политичката и економската соработка, зголемување на трговската размена и поттикнување на инвестициите биле главните теми на средбата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, со швајцарскиот министер за надворешни работи, Ињацио Касис, кој денеска престојува во официјална посета на земјава. 

Муцунски истакнал дека целта е економската соработка да стане уште посилен столб на билатералните односи и да создава конкретни можности за компаниите и граѓаните.

На средбата била изразена благодарност за континуираната поддршка од Швајцарија, која трае од 1992 година, особено за придонесот на швајцарските развојни програми во јакнењето на институциите.

Соговорниците разговарале и за швајцарското претседавање со ОБСЕ и безбедносните состојби во Европа. Муцунски ја потврдил поддршката за ангажманот на Швајцарија во Организацијата, нагласувајќи ја важноста на дијалогот, довербата и безбедноста.

Во фокусот на разговорите била и европската интеграција на земјава. Муцунски ја потврдил стратешката определба за полноправно членство во Европската Унија, како и посветеноста на реформските процеси и приближувањето кон европските стандарди.

Биле разменети мислења и за актуелните геополитички состојби, при што била нагласена важноста на партнерството, солидарноста и единството во зачувувањето на мирот и стабилноста во Европа.